Компјутерски водената имплантна хирургија претставува најсовремен, најнов метод и концепт на науката за поставување на импланти. Деталното компјутерско планирање на оперативниот зафат, изработката на хируршки водич и посебниот безболен и атрауматски начин на работа, во светот стануваат рутинска,најпосакувана и најбезбедна метода за надоместување на загубените заби. Во духот на постојаниот развој и усовршувањето, за првпат во нашата клиника ,а и во земјата беше изведен и успешно реализиран овој концепт на имплантација. Спец. Др. Данчо Бизевски, заедно со неговиот тим,Спец. Др. Николче Маркоски, Спец. Др. Златко Влашки и Др. Енес Бајрамов успешно извршија имплантација кај млада пациентка со вроден недостаток на заб во горната вилица во естетска зона, преку прецизно изработен 3Д модел и хируршки водич.
Значењето на оваа метода, нејзините предности и нејзиното имплементирање во секојдневна пракса се огромни. Речиси и да не постои хируршка траума, имплантот е сместен во идеална хируршка и протетска позиција во коската, постоперативната болка и компликациите се сведени на минимум. Концептот на компјутерски водена хирургија може да се искористи речиси при сите ситуации на тотална и парцијална беззабост, и претставува совршен начин и можност за интердисциплинарна соработка помеѓу стоматолошките специјалности, се со една цел, пациентот да добие заб истиот ден или 24 часа по поставувањето на имплантот. Придобивка која долги години беше само идеја, и стремеж, а денес е реалност и секојдневна пракса во нашата клиника.
Пародонтопатијата претставува прогресивно, долготрајно заболување на потпорниот апарат на забите, односно ги опфаќа сите структури преку кои забот е прицврстен во вилицата: алвеоларната коска, периодонталниот лигамент и гингивата. Деструкцијата на овие структури прогресивно доведува до голем број генерализирани проблеми за забите, а како краен стадиум е нивното расклатување и губење.
Што ја предизвикува пародонтопатијата?
Главниот фактор што ја предизвикува пародонтопатијата се наоѓа во денталниот плак, т.е меките наслаги кои се налепуваат на забите, и тврдите наслаги (забниот камен) и претставуваат колонии и депо на голем број на бактерии. Бактериите преку голем број на ензими и нус продукти директно предизвикуваат имуногенетски процеси кои влијаат и го деструираат потпорниот апарат на забот. За среќа овие процеси може да се детектираат уште во раната фаза на заболувањето, која за голем број од пациентите не е специфична, но е реверзибилна, а тоа е гингивитисот – воспалувањето на гингивата. Врз брзината на прогресијата на болеста од гингивитис до развиена пародонтаптија влијаат голем број локални и системски фактори кои го помогнуваат бактерискиот раст. Од локалните најважни се присуството на тврди наслаги одредени малформации и неправилност во поставеноста на забите, неадекватни протетски изработки, трауматски контакти помеѓу забите и др. Генетската компонента, пушењето, состојбите на ксеростомија и други хронични заболувања се системски фактори кои секогаш треба да се имаат во предвид при лекувањето на оваа состојба.
Кои се клиничките знаци на пародонтопатијата?
Еден од најраните знаци или предвесник на пародонтопатијата претставува крварењето на гингивата од инфективна природа, кое може да биде спонтатно или при одржување на орална хигиена. Тоа е знак дека во потпорниот апарат на забот се случуваат инфламаторни процеси. Доколку овие процеси потраат и не се санираат навремено, тие ја опфаќаат и околната коска, ја ресорбираат па така се создаваат т.н. пародонтални џебови, простори помеѓу забот и околната коска преполни со бактерии и остатоци на храна. Уништувањето на коската под дејство на овие процеси може да биде акутно или хронично и да трае со години. Резултат на тоа се соголени вратови на забите, нивно расклатување, појавување на простори (дијастеми) помеѓу нив, осетливост на термички и механички дразби, непријатен здив, гноење. Пародонталниот џеб, се повеќе се продлабочува и на крај забот останува без својата потпора. Како таков, тој мора да се отстрани.
Како се одвива лекувањето на пародонтопатијата?
Пародонтопатијата најчесто е хронично и долготрајно заболување, кое се појавува дури и во младоста.Конзервативниот пристап во лекувањето е многу значаен за да се спречат сите непосакувани последици. Во овој пристап најзначајна е мотивацијата на пациентот за правилно и редовно одржување на орална хигиена и редовни стоматолошки прегледи. Пародонтопатијата треба да се лекува и превенира уште во најраната фаза при појавата на гингивално воспаление , преку редовно отстранување на меките (плакот) и тврдите наслаги (забниот камен). Тоа подразбира и комплетно санирање на забалото од кариолошки, ортодонтски или протетски аспект, се со цел да се намалат точките на помал отпор на организмот, склони на појава на инфекции. Во поодминатите фази на болеста се врши киретажа на пародонталните џебови и топична апликација на медикаменти во истите. Постои и хируршка терапија на пародонтопатијата кадешто под лолкална анестезија се врши комплетна санација и реконструкција на сите пародонтални структури, вградување на вештачки, заменски материјали, но овој тип на терапија е невозможен доколку претходно конзервативниот дел од терапијата е неуспешен. Најважен факт во лекувањето на пародонтопатијата е дека пародонтопатијата не може да се излекува комплетно, но може да се забави до неактивна форма, и да се запрат сите деструктивни коскени процеси. Благовремената дијагноза, едукацијата за етиологијата и превентивните постапки се најдобар лек во справувањето со оваа болест.
Кариесот претставува најраспространетото бактериско заболување помеѓу општата популација кое се манифестира со декструкција на цврстите забни ткива.
Кариесот како заболување може да се појави на која било возраст и на било кој заб.
Кои се причините за појава на кариес?
Усната шуплина како медиум е преполна со бактерии кои припаѓаат на различни соеви. За појава на кариесот најначајни се ацидогените анаеробни бактерии. За своја исхрана ги користат остатоците од храна, особено шеќерите, а како нус продукт на оваа дигестија се создаваат киселини кои се главни медијатори во деструкцијата на забните ткива. Имено, под дејство на киселните доаѓа до спуштање на pH вредностите во усната празнина, а следствено на тоа и започнување на процес на деминерализација (деструкција) на забните ткива. Ова се случува често, ако исхраната на пациентите е богата со шеќери, а оралната хигиена незадоволителна . Овој циклус на ослободување киселина се повторува, деминерализацијата преовладува и за одредено време емајлот слабее и се создава кариозна шуплина на забот. Сите овие процеси се одвиваат многу побрзо кај пациенти со одредени патолошки состојби. Кариозната шуплина на забот е исполнета со бактерии, и како такво депо е опасна за останатите заби, забниот нерв, вилицата и оддалечените органи, доколку бактериите влезат во крвотокот.
Каде најчесто се појавува кариесот и кои се најчестите симптоми?
Предилекциони места за појава на кариес може да бидат сите површини на забот, но како најчести се џвакалните површини на забите и интерпорксималните простори помеѓу забите. Симптоматологијата варира во однос на тоа колку длабоко е прогредиран во забното ткиво. Најчесто пациентите пријавуваат силна болка на одредени дразби како студено, топло или благо, потемнување или дефект во забното ткиво. Овие симптоми со текот на времето може да се менуваат и да добиваат многу посилен интензитет карактер и спонтаност, паралелно со неговото прогредирање кон забната пулпа (нерв).
Како се лекува кариесот?
Лекувањето на кариесот денес, претставува безболна рутинска стоматолошка процедура којашто подразбира отстранување на патолошки изменетото ткиво, дезинфекција на кавитетот, и негово исполнување со некој од современите материјали за реконструкција на забното ткиво. Главен фактор на успех на ваквата терапија е неговото навремено откривање и санирање.
Превенција од појава на кариес
Најважен аспект за превенција на кариесот претставува едукацијата на пациентите во однос на начинот на исхрана, користењето на шеќерите во исхраната и потребата од редовни стоматолошки прегледи. За да се намали појавата на кариес пациентите се едуцираат на правилна и редовна орална хигиена особено наутро и навечер, со посебен осврт на тешко пристапните места. Внесувањето на шеќери со исхраната треба да биде редуцирано особено во ноќните часови поради тенденцијата на менување на pH вредноста на плукната во усната празнина. Превенцијата од појава на кариес е исто така значајна и во најраната возраст. Тука главна улога треба да имаат родителите во стекнувањето на навиките на своите децта. Се препорачува редуцирање на користењето на шишиња со цуцла и засладени пијалоци, поради опасност од појава на тн. циркуларен кариес кој е типичен за најраната детска возраст. Кариесот е заболување коешто денес лесно се контролира, превенира и лекува, само доколку навремено се открие. Затоа препорачуваме редовни контролни стоматолошки прегледи, 2-4 пати годишно, во зависност од индивидуалниот ризик од појава на кариес.
Почитувани пациенти, драги колеги, Пред точнo 11 години на овој ден со голем ентузијазам и енергија насочена кон збогатување на македонското здравство со квалитетни услуги од областа на денталната медицина, создадовме современа установа за дентална медицина, и прв ургентен приватен стоматолошки центар.
Нова Дентал Груп уште од самиот почеток макотрпно, со голема истрајност и љубов ги поставуваше темелите на современата стоматологија и орална хирургија, применувајќи ги сите светски признати процедури и протокли на лекување. Од таа идеја се родија голем број совршени насмевки и среќни пациенти.
Направивме над 10.000 орално-хируршки интервенции, поставивме преку 5000 дентални импланти, а изработивме и над 20.000 протетски помагала. Со голема одговорност и посветеност за секој случај, уште од самиот почеток, нашиот стручен тим покажа висока професионалност, етика и емпатија, достојни да се стекне довербата на секој пациент.
Оваа јубилејна година ја обележува еден наш голем сон – Компјутерски Водена имплантна хирургија.За првпат во хируршкиот блок на Нова Дентал Груп, оваа година направени се комплицирани операции кај тотална беззабост во двете вилици со помош на специјален софтвер и компјутерска томографија. Постигнавме минимална инвазивност и максимална ефикасност во решавањето на најтешкиот орално хируршки и протетски проблем кај пациентите. Од една навидум безизлезна ситуација без заби во устата, комплетно го реконструиравме забалото со компјутерски водено поставување на импланти врз кои во истиот акт во рок од 180 минути се изработија заби. Овој начин на работа, својствен само за најголемите и најпрестижни оралнохируршки центри во светот, од оваа година е реалност и во нашата земја. Тоа само не мотивира да чекориме понатаму, да вовеведуваме нови револуционерни технологии, процедури и третмани, кои ќе покажат и докажат дека еден е нашиот исконски сон и идеал, а тоа е врвната грижа за здравјето на пациентите, вчера, денес, утре и засекогаш.
Често се зборува дека имплантологијата е иднината на современата орална хирургија, иако можеби точен е фактот дека без добра класична орална хирургија не постои добра имплантологија. Загубените заби денес успешно се надополнуваат со вградување на импланти во виличните коски. Ги обезбедивме најдобрите и најбезбедни системи за имплантологија за решавање на парцијална или тотална беззабост. Успешно ги применивме концептите на all on four и all on six, па добивањето на заби веднаш после поставување на имплантите денес е реалност. Пациентот кандидат за имплантолошка терапија детално се анализира пред да се донесе конечната одлука. Се анализира неговата медицинска и дентална состојба, со помош на компјутерска томографија се анализираат коскените димензии и позициите на идните импланти, се сослушуваат неговите ставови и очекувања. Општо правило е дека имплантолошката терапија доаѓа на крај и е последниот чекор од комплетната реставрација и регенерација на забалото во која се вклучени повеќе специјалности. Имплантите се поставуваат со најсовремени апарати во асептични услови кои овозможуваат совршено ладење на коскеното ткиво при интервенцијата, се безболни за пациентот, и ги сведуваат интраоперативните и постоперативните компликации на минимум.
Современата стоматологија не може да се замисли без добра рентген дијагностика која е надополнување на сите дијагностички методи. Nova Dental Group, ги нуди услугите на еден од најмодерните дигитални рентген апарати Villa Rotograph Prime 3D, чии одлики се висока прецизност, безбедност со ниска доза на зрачење. Рентген дијагностиката во стоматологијата, а особено во оралната хирургија и имплантологија е од клучно значење за предвидливост и успех на терапијата. Овој систем може да најпрецизно во висока 3Д резолуција да ги прикаже сите анатомски структури од долна и средна лицева средина, вклучувајќи ги вилиците, забите, максиларните синуси, темпоромандибуларниот зглоб како и сите нервно васкуларни структури од интерес. Освен тоа постoи можност за дигитално мерење на димензиите на овие структури како и на промените во нив. Дигиталните 3Д и 2Д панорамикс снимки брзо и едноставно се добиваат на монитор, преку современ софтвер, кадешто се изработува дигитално досие на пациентот, до кое имаме пристап во секое време.
Протетиката е специјалистичка гранка на стоматологијата која успешно ги решава сите прашања поврзани со недостатокот на заби. Беззабоста и нејзиното решавање се наметнува како еден од најголемите предизвици на стоматологијата денес.
Со текот на годините, техниките и материјалите се усовршени до најситни детали, поради што денес можеме да им обезбедиме на пациентите совршена замена за изгубените заби со мостови, коронки или протези кои речиси не се разликуваат од природните заби. Покрај тоа, новите пристапи овозможуваат брзо производство и го враќаат задоволството со естетски и функционални резултати.
Експертите во нашата клиника ќе Ви понудат најмодерни материјали и ќе применат современи протетски техники кои ќе ги реконструираат дури и најсложените случаи.Полето на изработка на ваквите надоместоци е широко, независно дали се работи за фиксни протетски решенија, мобилни протетски решенија и протетски решенија над импланти.
Крајна цел и врвен идеал на нашата клиника се индивидуализирани протетски решенија за секој поединечен пациент со детална дијагностика, развој на идеален план за лекување, влучување на сеопфатен тим и специјален пристап кон нов визуелен идентитет. Ваквиот пристап е единствен начин да се постигне совршен баланс помеѓу природното, естетското и функционалното.
Придобивањето на довербата на најмладите пациенти е голем успех за секој доктор по дентална медицина. Довербата што треба да се воспостави претставува значаен круг помеѓу родителот, детето и докторот по дентална медицина. Токму тоа е и суштината на детската и превентивна стоматологија. Првите посети на стоматолог треба да бидат од најрана возраст, уште со никнувањето на првите заби кај децата, и треба да се повторуваат секои 3-4 месеци, и доколку не постои реален проблем. Тие посети иако временски се кратки, се значајни во однос на советувањето на родителот за значењето од правилната хигиена на усната празнина на своето дете, навиките како и превенцијата од заболувањата на стоматогнатниот систем. Соодветно на тоа, во нашата пракса, најголемо внимание се посветува на спречување на појава и запирање на овие проблеми
Нашиот стручен персонал, е насочен да овозможи пријатен прв престој во стоматолошката ординација, со посебен фокус на мотивација и учење како најмладите да ги одржуваат забите здрави.
Имајќи го предвид фактот дека природно здрави заби еруптираат во устата, логично беше наметнато решението дека наједноставниот клинички пристап во борбата против кариесот кај децата е превенцијата од негова појава. Истражувањата и кај нас и во светот покажаа дека високата распространетост на кариесот кај децата во најголем дел се должи на пренесувањето на дневни лоши навики од родители (семејства) на деца во овој ран, но исто така многу важен период. За да се детектира ризикот од кариес, кај секој млад пациент мора да се одредат неговите навики, начинот и степен на орална хигиена. Постојат повеќе методи за одредување на овие параметри,а најчесто преку специјални таблети и раствори кои ги обојуваат забите ,а им овозможуваат на децата да видат каде се навистина овие наслаги од лоша орална хигиена. На овој начин, децата стануваат свесни за фактот дека забите ќе им бидат „валкани“ доколку не ги мијат правилно. Присуството на калкулус го отежнува одржувањето на хигиената на усната шуплина, што доведува до акумулација на бактерии, гингивит и појава на лош здив. Отстранување на тврди (забен камен) и меки наслаги (забен плак) се препорачува најмалку двапати годишно,со неинвазивни методи, различни од оние кај возрасните, со цел да се зачува и подобри здравјето на забите и потпорните ткива.
Фисурите се вдлабнатини на џвакалната површина површина на забите што не можат да ги достигнат влакната на четката за заби, па затоа се места кадешто се собираат бактерии и се појавува кариес, уште во најраната возраст.
Заливањето на фисурите е неинвазивна метода на нанесување на материјал точно на оние места на површините што се предилекциони на кариес и со тоа се спречува неговата појава. Врз основа на клиничко истражување, утврдено е дека методот за пополнување на фисурите ја намалува можноста за кариес за дури 80%. Оваа интервенција може да се направи веднаш по ерупцијата на забот. Постапката не бара претходна подготовка на заб, трае многу кратко и е целосно безболна. За залевање на фисурите се користат биокомпатибилни материјали кои во својата содржина содржат депо на флуор, значаен за превенција од деминерализација на емајлот на забот. Флуоризацијата на забите со раствори со висока концентрација се прави исклучиво во стоматолошката ординација, трае неколку минути и исто така е целосно безболна. Кариесот на млечните заби е честа појава, особено доколку се изостават сите превентивни мерки. Честото внесување слатки, овошје или употреба на шише со засладени сокови и млеко доведува до деминерализација на емајлот на млечните заби и развој на кариес.
Важно е да се забележат овие промени на време, со цел да се поправат лошите навики и да се поправи кариесот додека е сè уште во почетната фаза. Колку порано се реагира, толку пократка ќе биде интервенцијата, толку помалку ќе биде стресна за детето и толку се поголеми шансите забот да биде зачуван.
Реставрацијата на млечни и младите трајни заби бара посебно внимание и посветеност. Во нашата клиника реставрацијата е минимално инвазивна, со современи композитни материјали како и материјали т.н. глас јономери кои исто така имаат антикариогено дејство.
Млечните заби влијаат на правилниот раст и развој на лицето и вилицата, како и на правилниот развој на говорот. Тие исто така играат важна улога во исхраната и психолошкиот развој на детето. Предвремено губење на млечен заб предизвикува движење на соседните заби и губење на простор за трајни заби. Ова доведува до неправилна положба или неможност за ерупција на трајни заби, затоа е потребно подоцна да се направи корекција со ортодонтски апарати. Поради сето тоа, многу е важно да се зачуваат млечните заби до појавата на постојани заменици.
Успехот во лекувањето на стоматолошките проблеми кај најмладата популација зависи од целокупниот став на стоматолошкиот тим во формирањето на сликата за проблемот кај детето, истовремено бара и советување и следење на диететските навики кај секое дете одделно. Се потрудивме преку пријателски однос и со игра да ја всадиме љубовта на најмалите кон нас, стоматолозите. Тоа е мисија која е од безвременско значење во понатамошното функционирање на стоматогнантниот систем кај секое дете, и влог во поздрава иднина.
Нелекуваниот и навреме нетретиран кариес, доведува до заболувања на забната пулпа (забниот нерв). Манифестирани преку болката како еден од најважните и најчести симптоми во стоматологијата, ендодонтските проблеми бараат сериозен пристап кој има за цел да го задржи забот во устата и да се избегнат инфекции на повеќе анатомски простори на главата и вратот.
Самото ендодонтско лекување на забите и нивната девитализација преставува микрохируршка процедура која бара особено внимание и вештина. Суштината на ендодонтското лекување е отстранување на причинителот на инфекцијата од коренскиот канал на забот, негова дезинфекција,проширување и исполнување со одреден материјал. Материјалите и техниките за исполнување и дезинфекција на коренските канали кои се користат во нашата клиника и стручноста на нашиот тим гарантираат успех во лекувањето на сите пуплини и периапикални лезии.
Правилно поставената ендодонтска дијагноза, е речиси половина успешна терапија. Во нашата клиника ги обезбедивме сите модерни дијагностички методи, вклучително и 3Д компјутерската анализа на коренските канали, со цел да се подобри предвидливоста и успехот од ваквата терапија. Ендодонтската терапија секогаш треба да биде прва терапија на избор за да се зачува забот, затоа што функцијата и значењето на природниот заб во устата е незаменлива.
Реконструктивната стоматологија е стоматолошка гранка која се занимава со конзервативно лекување на забите и оштетувањата кои настануваат од најзастапеното бактериско заболување – кариесот. Модерната конзервативна и реставративна стоматологија денес се базира на безболност и на минимално одземање од тврдата забна супстанца. Непопуларните амалгамски пломби, денес се дел од минатото. Новите материјали како нанокомпозитите со неограничен број на нијански и бои и со минимално отстранување на забна супстанца, овозможуваат пополнување и имитирање на морфологијата и естетиката на забот, преку градација на боите и овозможување на т.н камелеонски ефект. Во нашата клиника се користат најсовремени стоматолошки методи, техники и материјали за создавање на врвни естетски нанокомпозитни реставрации.
Реконструкцијата на помалите дефекти на предните заби од најразлична етилологија (кариес, фрактура) најдобро е да се направи со нанокомпозитна реставрација (нанокомпозитна пломба). Тоа подразбира максимално заштитување на преостанатата забна супстанција, а истовремено да се задоволи естетскиот момент на подолг временски период. Убавата насмевка е помеѓу првите работи што визуелно се забележува кај една личност. Затоа, не изненадува фактот дека се поголем број на пациенти имаат високи естетски барања и посегнуваат кон одредени естетски корективни интервенции на забите. Иако, веруваме дека здравјето на забите и усната шуплина не треба да се загрозува на сметка на естетиката, сепак секој случај на естетска корекција претставува предизвик кој некогаш бара и интердисциплинарен пристап.
Во простор кадешто хармонијата на структурите е од најголемо значење, анализирањето на сите геометриски концепти на лицето усните и забите е од клучно значење. Решавањето на ваквите случаи често вклучува тим од општи стоматолози, ортодонти, протетичари, орални хирурзи и забни техничари, независно дали се работи за композитни или реставрации од друг тип. Важен дел од естетската стоматологија претставува и белеењето на забите. Белеењето може да се изведува во домашни услови или во нашата клиника. Самата процедура подразбира нанесување на средство за белеење на површината на забот, кое стои одреден временски период. Со тоа се постигнува безболно избелување на забите и до неколку нијанси, во една посета. Сите пациенти кои имаат добра орална хигиена, уредно забало и реални очекувања се кандидати за успешен третман.
И покрај сите тераписки мерки и процедури кои ги практикуваме секојдневно, наш врвен идеал е зголемување на свесноста на пациентите за опасноста и етиопатогенезата на заболувањата на тврдата забна супстанца, нивна благовремена дијагноза и превенција. Затоа што здравиот природен заб секогаш е најдобро решение.
Скорешни коментари