Кариес, најголемиот непријател на забите

Што е кариес, најголемиот непријател на забите?

Кариесот претставува најраспространетото бактериско заболување помеѓу општата популација кое се манифестира со декструкција на цврстите забни ткива.

Кариесот како заболување  може да се појави на која било возраст и на било кој заб.

Кои се причините за појава на кариес?

Усната шуплина како медиум е преполна со бактерии кои припаѓаат на различни соеви. За појава на кариесот најначајни се ацидогените анаеробни бактерии. За своја исхрана ги користат остатоците од храна, особено шеќерите, а како нус продукт на оваа дигестија се создаваат киселини кои се главни медијатори во деструкцијата на забните ткива. Имено, под дејство на киселните доаѓа до спуштање на pH вредностите во усната празнина, а следствено на тоа и започнување на процес на деминерализација (деструкција) на забните ткива.
Ова се случува често, ако исхраната на пациентите е богата со шеќери, а оралната хигиена незадоволителна . Овој циклус на ослободување киселина се повторува, деминерализацијата преовладува и за одредено време емајлот слабее и се создава кариозна шуплина на забот. Сите овие процеси се одвиваат многу побрзо кај пациенти со одредени патолошки состојби.
Кариозната шуплина на забот е исполнета со бактерии, и како такво депо е опасна за останатите заби, забниот нерв, вилицата и оддалечените органи, доколку бактериите влезат во крвотокот.

Каде најчесто се појавува кариесот и кои се најчестите симптоми?

Предилекциони места за појава на кариес може да бидат сите површини на забот, но како најчести се џвакалните  површини на забите и интерпорксималните простори помеѓу забите.  Симптоматологијата варира во однос на тоа колку длабоко е прогредиран во забното ткиво. Најчесто пациентите пријавуваат силна болка на одредени дразби како студено, топло или благо, потемнување или дефект во забното ткиво. Овие симптоми со текот на времето може да се менуваат и да добиваат многу посилен интензитет карактер и спонтаност, паралелно со неговото прогредирање кон забната пулпа (нерв).

Како се лекува кариесот?

Лекувањето на кариесот денес, претставува безболна рутинска стоматолошка процедура којашто подразбира отстранување на патолошки изменетото ткиво, дезинфекција на кавитетот, и негово исполнување со некој од современите материјали за реконструкција на забното ткиво. Главен фактор на успех на  ваквата терапија е неговото навремено откривање и санирање.

Превенција од појава на кариес

Најважен аспект за превенција на кариесот претставува едукацијата на пациентите  во однос на начинот на исхрана, користењето на шеќерите во исхраната и потребата од редовни стоматолошки прегледи. За да се намали појавата на кариес пациентите се едуцираат на правилна и редовна орална хигиена особено наутро и навечер, со посебен осврт на тешко пристапните места. Внесувањето на шеќери со исхраната треба да биде редуцирано особено во ноќните часови поради тенденцијата на менување на pH вредноста на плукната во усната празнина. Превенцијата од појава на кариес е исто така значајна и во најраната возраст. Тука главна улога треба да имаат родителите во стекнувањето на навиките на своите децта. Се препорачува редуцирање на користењето на шишиња со цуцла и засладени пијалоци, поради опасност од појава на тн. циркуларен кариес кој е типичен за најраната детска возраст. Кариесот е заболување коешто денес лесно се контролира, превенира и лекува, само доколку навремено се открие. Затоа препорачуваме редовни контролни стоматолошки прегледи, 2-4 пати годишно, во зависност од индивидуалниот ризик од појава на кариес.