Пародонтопатија

Што претставува пародонтопатијата?

Пародонтопатијата претставува прогресивно, долготрајно заболување на потпорниот апарат на забите, односно ги опфаќа сите структури преку кои забот е прицврстен во вилицата: алвеоларната коска, периодонталниот лигамент и гингивата. Деструкцијата на овие структури прогресивно доведува до голем број генерализирани проблеми за забите, а како краен стадиум е нивното расклатување и губење.

Што ја предизвикува пародонтопатијата?

Главниот фактор што ја предизвикува пародонтопатијата се наоѓа во денталниот плак, т.е меките наслаги кои се налепуваат на забите, и тврдите наслаги (забниот камен) и претставуваат колонии и депо на голем број на бактерии. Бактериите преку голем број на ензими и нус продукти директно предизвикуваат имуногенетски процеси кои влијаат и го деструираат потпорниот апарат на забот. За среќа овие процеси може да се детектираат уште во раната фаза на заболувањето, која за голем број од пациентите не е специфична, но е реверзибилна, а тоа е гингивитисот – воспалувањето на гингивата.
Врз брзината на прогресијата на болеста од гингивитис до развиена пародонтаптија влијаат голем број локални и системски фактори кои го помогнуваат бактерискиот раст. Од локалните најважни се присуството на тврди наслаги одредени малформации и неправилност во поставеноста на забите, неадекватни протетски изработки, трауматски контакти помеѓу забите и др. Генетската компонента, пушењето, состојбите на ксеростомија и други хронични заболувања се системски фактори кои секогаш треба да се имаат во предвид при лекувањето на оваа состојба.

Кои се клиничките знаци на пародонтопатијата?

Еден од најраните знаци или предвесник на пародонтопатијата претставува крварењето на гингивата од инфективна природа, кое може да биде спонтатно или при одржување на орална хигиена. Тоа е знак дека во потпорниот апарат на забот се случуваат инфламаторни процеси. Доколку овие процеси потраат и не се санираат навремено, тие ја опфаќаат и околната коска, ја ресорбираат па така се создаваат т.н. пародонтални џебови, простори помеѓу забот и околната коска преполни со бактерии и остатоци на храна. Уништувањето на коската под дејство на овие процеси може да биде акутно или хронично и да трае со години. Резултат на тоа се соголени вратови на забите, нивно расклатување, појавување на простори (дијастеми) помеѓу нив, осетливост на термички и механички дразби, непријатен здив, гноење. Пародонталниот џеб, се повеќе се продлабочува и на крај забот останува без својата потпора. Како таков, тој мора да се отстрани.

Како се одвива лекувањето на пародонтопатијата?

Пародонтопатијата најчесто е хронично и долготрајно заболување, кое се појавува дури и во младоста.Конзервативниот пристап во лекувањето е многу значаен за да се спречат сите непосакувани последици. Во овој пристап најзначајна е мотивацијата на пациентот за правилно и редовно одржување на орална хигиена и редовни стоматолошки прегледи. Пародонтопатијата треба да се лекува и превенира уште во најраната фаза при појавата на гингивално воспаление , преку редовно отстранување на меките (плакот) и тврдите наслаги (забниот камен). Тоа подразбира и комплетно санирање на забалото од кариолошки, ортодонтски или протетски аспект, се со цел да се намалат точките на помал отпор на организмот, склони на појава на инфекции. Во поодминатите фази на болеста се врши киретажа на пародонталните џебови и топична апликација на медикаменти во истите.
Постои и хируршка терапија на пародонтопатијата кадешто под лолкална анестезија се врши комплетна санација и реконструкција на сите пародонтални структури, вградување на вештачки, заменски материјали, но овој тип на терапија е невозможен доколку претходно конзервативниот дел од терапијата е неуспешен.
Најважен факт во лекувањето на пародонтопатијата е дека пародонтопатијата не може да се излекува комплетно, но може да се забави до неактивна форма, и да се запрат сите деструктивни коскени процеси. Благовремената дијагноза, едукацијата за етиологијата и превентивните постапки се најдобар лек во справувањето со оваа болест.