Ресекција на коренот на забот – апикотомија

Апикотомија е оралнo хируршка процедура со која се отстранува апикалниот дел од коренот на забот заедно со патолошката содржина на околното ткиво (циста или гранулом). Се изведува со засекување и подигање на непцата, отстранување на врвот на коренот заедно со воспалителниот процес и полнење на коренскиот канал со одреден биокомпатибилен материјал. Индицирана е кога ендодонтскиот третман на каналите на коренот е неуспешен, а цистата или грануломот се уште се присутни во коскеното ткиво. Се изведува под локална анестезија  и овозможува зачувување на забот и спречување на негова екстракција.

Од клучно значење за успешноста на хируршкиот третман е навремена реакција од страна на општиот стоматолог и пациентот, односно да се избегнат импровизираните начини на конзервативно лекување. Патолошките структури од дентално потекло (цисти и грануломи) се одликуваат со висока патогеност ,потенцијал за раст и деструкција на коскнеото ткиво, па затоа неуспешноста и ограниченоста на енддонтската терапија треба да биде навремено согледана и воочена.

Апикотомијата претставува рутинска оралнохируршка процедура што се изведува во нашата клиника од страна на искусен хируршки тим. Испланирана со најсовремени методи на компјутерска дијагностика, изведена во безбедни и стерилни услови, процедурата се одликува со висок степен на успешност и предвиливост.