Ортодонција

Ортодонција е специјалистичка гранка на стоматологијата која се занимава со проучување на растот и развојот на забите и орофацијалната регија, третманот и превенцијата на неправилностите во положбата на забите и вилиците.

Ортодонцијата не подразбира само подредување на искривените заби, туку и коригирање на неправилните функции. Постојат четири биолошки системи кои се опфатени во ортодонтскиот третман и тоа:

Првиот систем го подразбира дишењето преку нос. Доколку детето во поголем дел од времето дише преку уста, а не преку нос, може да дојде до одредена промена во растот на вилиците и на структурите на лицето. За оваа состојба е важно да се препознае на време, да се третира уште во рана фаза, со цел растот да продолжи во поволен правец.

Вториот систем ги опфаќа мускулите: мускулите за фацијална експресија, мускулите за мастикација (џвакање) и мускулите на јазикот. Сите тие имаат значајно влијание во развојот на денталната и лицева рамнотежа.

Третиот систем е скелетниот (коскен). Во овој систем се опфатени меѓусебниот однос на горната и долната вилица, односот на вилиците со другите коски на главата, но и со

забите. Скелетниот проблем може да се одреди преку правилна анализа на рентгенски снимки.

Четвртиот систем ги опфаќа забите. Положбата на забите ја одредуваат мускулите на лицето и устата, растот на вилиците и начинот на дишење.

Заради сето ова, очигледно е дека пред да се даде предлог за третман за било каков проблем, мора да се направи комплетна анализа (ортопантомограм, телерентгенска снимка и нејзина анализа, анализа на студиски модели, анализа на функциите и лицевата мускулатура и сл.) за да се види дали постои проблем со дишење, проблем со лицевата мускулатура, скелетен проблем или дентален проблем. Вообичаено се работи за комбинација од две или три од овие состојби