Општа и реконструктивна стоматологија

Реконструктивната стоматологија е стоматолошка гранка која се занимава со конзервативно лекување на забите и оштетувањата кои настануваат од најзастапеното бактериско заболување – кариесот. Модерната конзервативна и реставративна стоматологија денес се базира на безболност и на минимално одземање од тврдата забна супстанца. Непопуларните амалгамски пломби, денес се дел од минатото. Новите  материјали како нанокомпозитите со неограничен број на нијански и бои и со минимално отстранување на забна супстанца, овозможуваат пополнување и имитирање на морфологијата и естетиката на забот, преку градација на боите и овозможување на т.н камелеонски ефект. Во нашата клиника се користат најсовремени стоматолошки методи, техники и материјали за создавање на врвни естетски нанокомпозитни реставрации.

Реконструкцијата на помалите дефекти на предните заби од најразлична етилологија (кариес, фрактура) најдобро е да се направи со нанокомпозитна реставрација (нанокомпозитна пломба). Тоа подразбира максимално заштитување на преостанатата забна супстанција, а истовремено да се задоволи естетскиот момент на подолг временски период. Убавата насмевка е помеѓу првите работи што визуелно се забележува кај една личност. Затоа, не изненадува фактот дека се поголем број на пациенти имаат високи естетски барања и посегнуваат кон одредени естетски корективни интервенции на забите.
Иако, веруваме дека здравјето на забите и усната шуплина не треба да се загрозува на сметка на естетиката, сепак секој случај на естетска корекција претставува предизвик кој некогаш бара и интердисциплинарен пристап. 


Во простор кадешто хармонијата на структурите е од најголемо значење, анализирањето на сите геометриски концепти на лицето усните и забите е од клучно значење. Решавањето на ваквите случаи често вклучува тим од општи стоматолози, ортодонти, протетичари, орални хирурзи и забни техничари, независно дали се работи за композитни или реставрации од друг тип.
Важен дел од естетската стоматологија претставува и белеењето на забите. Белеењето може да се изведува во домашни услови или во нашата клиника. Самата процедура подразбира нанесување на средство за белеење на површината на забот, кое стои одреден временски период. Со тоа се постигнува безболно избелување на забите и до неколку нијанси, во една посета. Сите пациенти кои имаат добра орална хигиена, уредно забало и реални очекувања се кандидати за успешен третман.

 

И покрај сите тераписки мерки и процедури кои ги практикуваме секојдневно, наш врвен идеал  е зголемување на свесноста на пациентите за опасноста  и етиопатогенезата на заболувањата на тврдата забна супстанца, нивна благовремена дијагноза и превенција.
Затоа што здравиот природен заб секогаш е најдобро решение.