Интервју на Др. Данчо Бизевски за Женски Магазин

Во време на пандемијата поради опасноста од ширењето на вирусот Ковид-19, запре работата на стоматолозите. Работеа само за оние пациенти со итни интервенции, откако Министерството за здравство организираше дежурни пунктови. За опасноста и пренесувањето на вирусот преку усната шуплина и за состојбата на стоматолозите, за Женски магазин раскажа оралниот хирург, спец. др. Данчо Бизевски од специјализирана установа за хирургија на уста, вилица и заби  „Нова Дентал Хирургија" од Скопје.

„Како и сите други непријатели кои ни доаѓаат од усната шуплина,повеќе или помалку опасни, Ковид 19 е нов, недоволно проучен непријател за кој треба доволно добро да се погрижиме, со цел како и досега да не ги доразболиме нашите пациенти и секако медицинскиот тим кои работи на нив, а тие пак од друга страна, своите семејства“, вели Бизевски.

* Зошто стручњаците велат дека најголемиот ризикот од вирусот е кај вас стоматолозите?

- Стоматологијата или денталната медицина ги третира болестите на устата и забите, што подразбира примена на процедури, кај кои имаме многу близок контакт со болниот, помалку од половина метар. Според тоа концентрацијата на вирусот на кои сме изложени како здравствени работници, во директен контакт со него во усната шуплина, претставува големо вирусно оптоварување од кое понатака може да се развие потешка форма на болеста.

* Во повеќе земји, меѓу кои и нашата, здравствените власти донесоа одлука за ставање во режим на мирување на сите стоматолошки ординации? Што се случи со пациентите во овој период?

- Токму така, нашата работа беше прекината одреден временски период, но за сите итни стоматолошки интервенции, министерството за здравство имаше организирано дежурни пунктови на територијата на целата држава, со кои соработувавме и вршевме тријажа за оние пациенти за кои ќе проценевме дека им е неопходна итна стоматолошка интервенција.

* Од што поконкретно во стоматолошката ординација можеме да се заразиме? Кои се тие интервенции што се најризични по вас и се разбира по пациентите?

- Ризикот при извршувањето на стоматолошката професија посебно е условен од создавањето на ситните честички аеросоли во близина на работното поле, во орофацијалната регија на пациентот и терапевтот. Аеросолите се ситни дисперзирани честички во воздухот кои содржат микроорганизми и имаат потенцијал да го заразат човекот кои ќе ги вдиши. Исто така, самиот престој во просторијата ,односно ординацијата во која се создава аеросолот,а при тоа да не се заштитени устата,очите и носот претставува голем ризик од инфекција. Повеќето дентални процедури се поврзани со апарати и инструменти кои продуцираат аеросоли,односно при чистење на забен камен, брусење на забите за пломби и мостови и користење на вода-воздух пустерот. Аеросолот може да ги контаминира и сите површини во ординацијата на кои ќе падне, дури и во радиус од два метри, што подразбира и понатамошно ширење на заразата и по контактен пат, односно преку допирање на површините каде што паднал аеросолот. Да не дојде до забуна, морам да потенцирам дека мерките на контрола на вкрстени инфекции постојат и се применуваат во стоматолошките ординации и пред Ковид 19, но мерките  во ерата на пандемијата побаруваат чекор понапред процедури, со цел тотална, односно целосна заштита на пациентите и медицинскиот персонал.

* Што предвидувате дека ќе се случи откако неколку илјади стоматолози ќе ги отворат своите ординации и ќе примат многу пациенти?

- Вирусот нема волшебно и така набрзо да исчезне од популацијата со олабавувањето на мерките и укинувањето на вондредната состојба. Не знаеме што ќе биде преку лето,а што на есен, ќе има ли бранови. Од сите досегашни анализи и ставови на експерти од областа на епидемиологијата, појава на нови бранови веројатно ќе има на есен и зима, и тој податок не треба да се занемари. Тоа значи дека во координација со Министерството за здравство, Стоматолошката комора на Македонија, стручните здруженија на Македонското стоматолошко друштво, треба да изготват адекватни протокли на работа за стоматолошка дејност, со цел стоматолошките ординации да не станат нов извор на инфекција и зараза. Тоа подразбира организирање на едукативни настани за колегите и граѓаните за ризиците од стоматолошките интервенции, изработка на протокли за прием,тријажа и контрола на инфекција.

* Какви промени да очекуваат граѓаните при понатамошно одење на стоматолог?

- Повеќе од сигурно е дека нема да биде повеќе исто како што беше. И ние лекарите и пациентите ќе треба да се адаптираме на новите стандарди и протокли, со единствена цел - чување на личното,а со тоа и на јавното здравје.Тоа подразбира  мерки како што се прием на пациентот со претходна најава, што кај нас и до сега беше вообичаена пракса, со исклучок на итните случаи. Мерењето на телесната температура, епидемиолошкиот прашалник, хигенско заштитната подготовка на пациентот, патеките на движење низ ординацијата, големиот простор за пауза помегу пациентите се дел од новитетите за кои мора да се подготвиме. Што се однесува до другите процедури во нашата клиника, како што се облекување на калчуни, хирушки мантили, капи, патеки на движење на пациентите, дезинфекција на работни површини, посебен одел за централна стерилизација, посебни амбуланти за прием на стоматолошки и хируршки пациенти, посебна операциона сала за орална хирургија, се златен стандард во нашето работење.

* Има ли процедури кои пациентите мора да ги поминат за да дојдат на преглед и интервенција во вашата клиника?

- Мора во старт да напоменам дека во нашата секојдневна работа, а со цел непречено одвивање на процесите, формиравме два тима и тоа еден за ургентна стоматологија кои ќе ги згрижува сите пациенти кои имаат итна стоматолошка потреба, и вториот тим кои работи на елективни случаи кои ќе се закажуваат според потребите на пациентите и новите протокли на работа. Така на пример, пациентите што треба да се оперираат ќе имаат предност во закажувањето на интервенцијата, потоа пациентите на кои им се поставени медикаменти, а кои времето на дејствување е одминато, и треба да се променат, и на крај на пациентите на кои им е потребна протетска рехабилитација.

Заедничко за сите пациенти е дека закажувањето ќе биде исклучиво телефонски, каде ќе разговараат со дежурен лекар диспечер, кој има за задача да ја процени итноста и да го договори терминот за интервенција.

* Кои се процедурите откако ќе се договори посакуваниот термин?

- Кога пациентите ќе пристигнат, ќе им биде измерена телесната температура со безконтактен термометар, а потоа пред да влезат во ординацијата своите лични работи ќе ги остават во посебна вреќичка и ќе се упатат на темелно миење на рацете, при што следи пополнување на епидемиолошкиот прашалник и медицинската анамнеза. За сето тоа време, пациентот мора да носи заштитна маска и ракавици до седнувањето на стоматолошкото столче или до влезот на операционата сала. Медицинскиот тим и во амбулантни услови е припремен како и во хирушка сала, што подразбира носење на хируршки мантили за еднократна употреба, респираторни маски со посебен стандард за заштита, хируршка капа, заштитен визир, наочари и ракавици.

* Што ќе им препорачате на пациентите за новонастанатата состојба и новитетите кои се неопходни во стоматолошката дејност?

- Луѓето во овој период, па веројатно и понатаму, ќе мора да бидат внимателни и дисциплинирани, а како најважно, да ги почитуваат препораките на здравствените власти, кои имаат за цел зачувување на јавното здравје. СЗО препорачува дека, не е време за славење, туку за подготовки за евентуални други бранови, за кои мора да бидеме максимално подготвени и адаптирано да дејствуваме во секакви услови. Само така ќе покажеме дека сме спремни да се носиме со предизвиците. Простор за паника не постои, но напоменувам дека треба да промениме многу животни навики за да успееме да го победиме сето она што сака да го уништи човештвото.

Милица Џаровска