Детска и превентивна стоматологија

Придобивањето на довербата на најмладите пациенти е голем успех за секој доктор по дентална медицина. Довербата што треба да се воспостави претставува значаен круг помеѓу родителот, детето и докторот по дентална медицина. Токму тоа е и суштината на детската и превентивна стоматологија. Првите посети на стоматолог треба да бидат од најрана возраст, уште со никнувањето на првите заби кај децата, и треба да се повторуваат секои 3-4 месеци, и доколку не постои реален проблем. Тие посети иако временски се кратки, се значајни во однос на советувањето на родителот за значењето од правилната хигиена на усната празнина на своето дете, навиките како и превенцијата од заболувањата на стоматогнатниот систем. Соодветно на тоа, во нашата пракса, најголемо внимание се посветува на спречување на појава и запирање на овие проблеми
 

 

Нашиот стручен персонал, е насочен да овозможи пријатен прв престој во стоматолошката ординација, со посебен фокус на мотивација и учење како најмладите  да ги одржуваат забите здрави.

Имајќи го предвид фактот дека природно здрави заби еруптираат во устата, логично беше наметнато решението дека наједноставниот клинички пристап во борбата против кариесот кај децата е превенцијата од негова појава.
Истражувањата и кај нас и во светот покажаа дека високата распространетост на кариесот кај децата во најголем дел се должи на пренесувањето на дневни лоши навики од родители (семејства) на деца во овој ран, но исто така многу важен период. За да се детектира ризикот од кариес, кај секој млад пациент мора да се одредат неговите навики, начинот и степен на орална хигиена. Постојат повеќе методи за одредување на овие параметри,а најчесто преку специјални таблети и раствори кои ги обојуваат забите ,а им овозможуваат на децата да видат каде се навистина овие наслаги од лоша орална хигиена. На овој начин, децата стануваат свесни за фактот дека забите ќе им бидат „валкани“ доколку не ги мијат правилно. Присуството на калкулус го отежнува одржувањето на хигиената на усната шуплина, што доведува до акумулација на бактерии, гингивит и појава на лош здив. Отстранување на тврди (забен камен) и меки наслаги (забен плак) се препорачува најмалку двапати годишно,со неинвазивни методи, различни од оние кај возрасните, со цел да се зачува и подобри здравјето на забите и потпорните ткива.
 

Фисурите  се вдлабнатини на џвакалната површина површина на забите што не можат да ги достигнат влакната на четката за заби, па затоа се места кадешто се собираат бактерии и се појавува кариес, уште во најраната возраст.

Заливањето на фисурите  е неинвазивна метода на  нанесување на материјал точно на оние места на површините што се предилекциони на кариес  и со тоа се спречува неговата појава. Врз основа на клиничко истражување, утврдено е дека методот за пополнување на фисурите ја намалува можноста за кариес за дури 80%. Оваа интервенција може да се направи веднаш по ерупцијата на забот. Постапката не бара претходна подготовка на заб, трае многу кратко и е целосно безболна. За залевање на фисурите се користат биокомпатибилни материјали кои во својата содржина содржат депо на флуор, значаен за превенција од деминерализација на емајлот на забот. Флуоризацијата на забите со раствори со висока концентрација се прави исклучиво во стоматолошката ординација, трае неколку минути и исто така е целосно безболна. Кариесот на млечните заби е честа појава, особено доколку се изостават сите превентивни мерки. Честото внесување слатки, овошје или употреба на шише со засладени сокови и млеко доведува до деминерализација на емајлот на млечните заби и развој на кариес.

Важно е да се забележат овие промени на време, со цел да се поправат лошите навики и да се поправи кариесот додека е сè уште во почетната фаза. Колку порано се реагира, толку пократка ќе биде интервенцијата, толку помалку ќе биде стресна за детето и толку се поголеми шансите забот да биде зачуван.
 

 

Реставрацијата на млечни и младите трајни заби бара посебно внимание и посветеност. Во нашата клиника реставрацијата е минимално инвазивна, со современи композитни материјали како и материјали т.н. глас јономери кои исто така имаат антикариогено дејство.

Млечните заби влијаат на правилниот раст и развој на лицето и вилицата, како и на правилниот развој на говорот. Тие исто така играат важна улога во исхраната и психолошкиот развој на детето. Предвремено губење на млечен заб предизвикува движење на соседните заби и губење на простор за трајни заби. Ова доведува до неправилна положба или неможност за ерупција на трајни заби, затоа е потребно подоцна да се направи корекција со ортодонтски апарати. Поради сето тоа, многу е важно да се зачуваат млечните заби до појавата на постојани заменици.

Успехот во лекувањето на стоматолошките проблеми кај најмладата популација зависи од целокупниот став на стоматолошкиот тим во формирањето на сликата за проблемот кај детето, истовремено бара и советување и следење на диететските навики кај секое дете одделно.  
Се потрудивме преку пријателски однос и со игра да ја всадиме љубовта на најмалите кон нас, стоматолозите. Тоа е мисија која е од безвременско значење во понатамошното функционирање на стоматогнантниот систем кај секое дете, и влог во поздрава иднина.